,Јас постапувам со Мојот роб според тоа како тој мисли за Мене, и Јас сум со него кога Ме спомнува

,Јас постапувам со Мојот роб според тоа како тој мисли за Мене, и Јас сум со него кога Ме спомнува

Ебу Хурејре, Аллах нека е задоволен со него, пренесува дека Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, рекол: „Возвишениот Аллах вели: ,Јас постапувам со Мојот роб според тоа како тој мисли за Мене, и Јас сум со него кога Ме спомнува. Ако Ме спомне во себе, и Јас ќе го спомнам во Себе. Ако Ме спомне во друштво, и Јас ќе го спомнам во друштво подобро од тоа. Ако Ми се приближи за една педа, Јас ќе Му се приближам за еден лакт. Ако Ми се приближи за еден лакт, Јас ќе Му се приближам за еден распон. Ако Ми дојде одејќи, Јас ќе Му дојдам трчајќи.‘“

[صحيح] [متفق عليه]

الشرح

Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, известил дека Возвишениот Аллах вели: „Јас постапувам со Мојот роб според неговото мислење што го има за Мене – било тоа со надеж и очекување на прошка или на друг начин. Му давам според тоа што очекува од Мене – било добро или нешто друго. А Јас сум со него со милоста, помошта, упатството, заштитата и поткрепата кога Ме спомнува. Ако Ме спомне во себе, кога е сам, изговарајќи тесбих, техлил или нешто друго – и Јас ќе го спомнам во Себе. Ако Ме спомне во група – и Јас ќе го спомнам во група побројна и подобра од нив. Кој ќе Ми се приближи за една педа, Јас ќе Му се приближам за еден лакт. Ако Ми се приближи за еден лакт, Јас ќе Му се приближам за еден распон. Ако Ми дојде одејќи, Јас ќе Му дојдам трчајќи.“ Кога робот се приближува кон својот Господар преку покорност и посветеност, Возвишениот Аллах му возвраќа со уште поголема близина, како награда соодветна на неговото дело. Што повеќе верникот ја усовршува својата покорност кон својот Господар, толку повеќе Возвишениот Аллах му се приближува. Неговата дарежливост и награда се далеку поголеми од делата и трудот на робот, така што Аллаховата награда ја надминува вредноста на делото и во квалитет и во обем. Затоа, верникот треба да има убаво мислење за Аллах, да работи, да се натпреварува во добрите дела и постојано да ја зголемува својата покорност, сè додека не Го сретне Аллах.

فوائد الحديث

Овој хадис спаѓа во хадисите што Божјиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, ги пренесува од својот Господар и се нарекува „хадис кудси“ или „хадис илахи“. Тоа е хадис чиј израз и значење се од Аллах, но не ги содржи посебностите на Куранот, кои го издвојуваат од сè друго – како што се ибадетот преку неговото рецитирање, да се биде со абдест при неговото рецитирање, предизвикот и натприродноста што Куранот ги содржи, и слично.

Ел-Аџури рекол: „Следбениците на вистината Го опишуваат Возвишениот Аллах со она со што Тој Самиот Се опишал, и со она со што Го опишал Неговиот пратеник, салаллаху алејхи ве селем, и со она со што Го опишале асхабите, Аллах нека е задоволен со нив. Ова е правецот на учените кои го следеле вистинскиот пат и не воведувале новотарии.“

Следбениците на Сунетот ги потврдуваат Аллаховите имиња и атрибути со кои Тој Самиот Се опишал, без да ги изопачуваат, негираат, одредуваат нивната форма или да Го споредуваат со созданијата. Исто така, тие го негираат она што Тој Самиот го негирал за Себе и молчат за она за што не е дојдено ниту негација ниту потврда. Возвишениот Аллах, вели: „Ништо Нему не му е слично! Тој сè слуша и сè гледа.“ (Еш Шура, 11)

Убавото мислење за Аллах мора да биде попратено со дела. Хасан ел-Басри рекол: „Верникот има убаво мислење за својот Господар, па затоа и неговите дела се убави, додека грешникот има лошо мислење за својот Господар, па затоа и неговите дела се грди.“

Куртуби рекол: „Се вели дека значењето на ,Мојот роб мисли за Мене‘ е – да верува дека ќе му биде примена довата кога дови, дека ќе му биде прифатено покајанието кога се кае, дека ќе му биде простено кога бара прошка, и дека ќе биде награден кога го извршува ибадетот со неговите услови, потпирајќи се на вистинитото Аллахово ветување.

Затоа, човекот треба да се труди во извршувањето на своите должности, убеден дека Аллах ќе му ги прифати и ќе му ги прости, бидејќи Тој го вети тоа, а Аллах никогаш не го прекршува Своето ветување. Но, ако некој верува или мисли дека Аллах нема да му ги прифати делата и дека тие нема да му користат, тоа е губење надеж во Аллаховата милост, што е голем грев.

Кој ќе умре со такво убедување, ќе биде препуштен на тоа што мислел за Аллах, како што се пренесува во некои верзии на хадисот: ,Нека мисли Мојот роб за Мене како што сака.‘

А да се надева на прошка додека упорно истрајува во гревовите е чисто незнаење и самоизмама.“

Поттик за често спомнување на Аллах – со срцето и со јазикот. Човекот во своето срце се плаши од Аллах, се потсетува на Неговата величина и право, се надева во Него, Го велича, Го сака, има убаво мислење за Него и искрено ги извршува своите дела за Него. А со јазикот изговара зикрови како: субханаллах, елхамдулиллах, ла илахе иллаллах, Аллаху екбер, ла хавле ве ла куввeте илла биллах.

Ибн Ебу Џемра рекол: „Кој ќе Го спомне Аллах додека е во страв, Тој ќе му даде сигурност. А кој ќе Го спомне во осаменост, Тој ќе му даде утеха.“

Под педа се мисли на растојанието од врвот на малиот прст до врвот на палецот кога дланката е растегната.

Лакот е растојанието од врвот на средниот прст до коската на лактот.

Распон е должината на двете испружени раце заедно со ширината на градите, што изнесува околу четири лакти.

التصنيفات

Тевхид на Аллаховите имиња и атрибути, Придобивки на зикрот - спомнување